Кришна се сетил на мигот кога Радха Го видела опкружен со гопиите. Таа се свртела и си заминала. Тој знаел дека згрешил. Од страв, ја оставил да си оди без да ја задржи. Во припевот Кришна си признава дека не ѝ го укажал вниманието што ѝ го должел. Радха си заминала како да е гневна.
Се прашувал што ќе направи и што ќе каже по толку долга разделба. Без Радха, се прашувал, од каква полза Му се богатството, луѓето околу Него, животот и домот? Се сетил на нејзиното лице и на веѓите свиткани од гнев. Лицето Му заличило на црвен лотос вознемирен од пчела што кружи над него.
Радха непрестајно Му била во срцето и таму се радувал со неа. Се прашувал зошто да ја бара низ шумата и залудно да се жали. Знаел дека љубомората го изморила нејзиното срце. Сепак, не знаел каде отишла, па не можел да ѝ пристапи со зборови на помирување. Му се чинело дека ја гледа пред Себе. Во Неговите мисли таа се појавувала и повторно си одела. Ја прашал зошто не Му ја дава онаа брза, топла прегратка како порано.
На крај ја замолил да Му прости. Ветил дека повторно нема да ѝ направи такво нешто. Го измачувал копнежот. Единствено ја молел Радха да Му се покаже. Џајадева од Кинду-билва, кој го споредува своето потекло со издигнувањето на месечината од океанот, ја завршува песната со почит кон Хари, Чии зборови ги опеал.
