Мадхава седел во сеницата крај Јамуна, под врбовите гранки. Бил изнемоштен и вознемирен од силата на љубовта. Една сакхија на Радхика Му пристапила и Му запеала за она што Радха го доживувала во разделбата.
Радха го прекорува дури и сандалот, Му рекла. И месечевите зраци, што обично разладуваат, сега ја вознемируваат. Благиот ветер од Малаја ѝ изгледа како отров. Ѝ се чини дека носи нешто од живеалиштата на змиите низ кои минува. Во припевот сакхијата Му вели на Мадхава дека Радха тагува по Него. Како да се засолнила во мислата за Него од стрелите на богот на љубовта.
Стрелите на љубовта, Му пеела, паѓаат една по друга. Врз чувствителното место на срцето, Радха наредила широки лотосови лисја натопени со вода. Од лисјата направила оклоп. Со него сакала да Го заштити Оној Кој живее во нејзиното срце. Радха подготвила и лежај од цветови, како постела од стрелите на богот со цветен лак. Го подготвувала како завет за радоста на прегратката со Кришна.
Солзи се слевале од немирните очи на Радха врз лицето налик на лотос. Сакхијата го споредила со месечината кога Раху ја гризе при затемнувањето. Во таа поетска слика, од ранетата месечина потекува нектар.
