Додека момчињата се радувале на оброкот, телињата навлегле на место со повисока трева и се изгубиле од поглед. Кришна ги смирил другарите и станал да ги побара. Ја обиколил густата шума и тешко проодните патеки крај ридот. Кога се вратил, ги немало ни момчињата. Каде исчезнале децата и телињата, толку драги на нивните мајки, се прашувал Тој. Нив ги сметал за блиски како Својот живот. По нив пред малку влегол и во змијата.
Тогаш Кришна разбрал дека тоа го направил Брахма. Додека си играл со другарите, толку бил внесен во нивната љубов што не обрнал внимание на тоа што се подготвувало. Сфатил дека Брахма не постапил од непријателство. Сакал да дознае нешто повеќе за Неговата моќ. Кришна се потпрел на помошта од Јогамаја. Размислувајќи за особините и обликот на секое момче и теле, самиот се појавил во нивните облици, со сите нивни особености.
Кришна се вратил во Враџа како и во другите денови и во тие облици влегол во секој дом. На мајките им се чинело дека нивните деца им се уште поблиски. Се радувале на своите синови и на нивното пријателство со синот на Јашода. Во сите тие облици, вели Јива, се препознавале истите особености и детски игри. Самиот Кришна бил присутен во сите нив.
Кога до крајот на годината останале пет или шест дена, Баларама се зачудил од љубовта кон децата и телињата, толку слична на љубовта кон Кришна. По разговор со братот ја разбрал причината. Му недостигале вистинските другари и од таа лутина, родена од љубов, не одел со Него во шумата неколку дена. Кришна го забележал Брахма кога овој дошол скришум. Му било доволно да го види како погледнува насекаде и се чуди што телињата и момчињата се пред него.
