Веста длабоко ги потресла девојките. Во својата болка секоја сама излегла од дома. Утрината се нашле крај темната вода кај некогашното живеалиште на Калија. Се гледале како одново да се запознаваат. Која си и што те доведе тука, се прашувале. Кога во лицата и гласовите си ја препознале истата мака, се прегрнале и заплакале. На секоја ѝ станало јасно што другата ја носела во срцето. Погледите им се свртеле кон Радха.
Радха ја кажала Својата болка пред нив, па ги склопила дланките кон реката. Посакала Нанда и Јашода да ѝ бидат семејство, Кришна да остане Нејзиниот сакан, а шумата Вриндаван секогаш да им биде дом на нивните радости. Ја побарала Калинди за пријателка. Во мигот кога очајот им се чинел без излез, од небото им дошол глас. Ги повикал да застанат и да размислат. Она од што се плашат нема да се оствари, им повторил, и тие пак почувствувале надеж.
Додека во чудо се гледале, им пришла една жена. Најпрво ѝ пристапила на Радха, потоа им се обратила на сите и им помогнала да стигнат на брегот. Тоа била самата Калинди, блескава како расцветан темносин лотос. Вринда ја известила Паурнамаси, и таа побрзала таму со Вринда и со Мадхумангала. Девојките веќе се потпирале на дрвјата, исцрпени. Паурнамаси и Калинди со Вринда ги прегрнувале, повторувајќи им ги зборовите на утеха, додека пак можеле да слушаат и да одговорат.
