Во првиот стих Радха прицврстува паунов пердув во косата и зема флејта в рака. Облекува жолта облека и става венец од шумски цветови. На телото нанесува мошус. Во занесот на преобразбата ѝ доаѓа да се прегрне себеси во ликот што го добила.
Во другиот стих една сакхи по боја потсетува на внатрешноста на син лотос. Радха ја украсува за во неа да се препознае ликот на Кришна. Самата Радха посакува да ја прегрне, а поетот вели дека ја доживува радоста на два начина.
Во третата слика и Кришна учествува во играта. Радха ја разделува косата на саканиот и Му ја врзува во плетенка. Тој ѝ ја обвива косата со кружно наредени паунови пердуви. Со вештината со која си го разменуваат изгледот, обајцата доживуваат посебна радост во љубовта.
